Војна:Израел - Газа

Војна:Израел - Газа


Најмалку седум лица загинале во пукањето на израелската војска, а околу илјада биле ранети за време на демонстрациите во петокот, кога илјадници Палестинци се собрале на границата меѓу Израел и Газа, многу од нив палејќи гуми или фрлајќи камења.

Некои од медиумите, повикувајќи се на палестинскиот амбасадор при ОН, објавиле дека загинале девет луѓе. 

Меѓу убиените е и едно 16-годишно момче, објавило претходно палестинското министерство за здравство. Меѓу ранетите има и жени и деца, но и палестински новинари. Од минатиот петок 29 Палестинци биле убиени, а повеќе од 2.500 ранети додека траат тензиите на границата.

Луѓето во Газа кампуваат на границата и палат гуми, а го користат чадот и огледала за да им оневозможат добар видик на израелските снајперисти.

Под чадот има околу 20.000 жители на Газа кои се собрале во граничното подрачје, додека помали групи, во главни млади луѓе, се обидуваат да се пробијат кон граничната ограда.

Демонстрантите учествуваат во шестнеделен протест наречен "голем марш за враќање", со кој се залагаат за враќање на палестинските бегалци и нивните потомци, кои ги напуштиле своите домови или биле протерани од сегашен Израел во војната во 1948. година, со што било обележано настанувањето на Израел.

Повеќе од 150 Палестинци биле ранети од огнено оружје и гумени куршуми во петокот, рекол портпаролот на министерството за здравство кое го контролира Хамас, Ашраф Ал Кедра, додавајќи дека голем број на луѓе имаат проблеми со дишењето поради солзавецот.

Израел од своја страна тврди дека Хамас, исламската група која владее со енклавата и која многумина на западот ја сметаат за терористичка организација, ги користи демонстрациите за да го одвлече вниманието од нападите на израелските погранични градови. Исто така предупредил дека не го променил својот пристап да пука на Палестинците кои се приближуваат до граничната ограда меѓу Газа и Израел.

Групите за човекови права ја критикуваат израелската употреба на оружје како диспропорционална на заканата која ја претставуваат Палестинците кои фрлаат камења, палат гуми или користат бензински бомби. Лиз Торсбел, портпаролка на ОН за човекови права, во петокот рекла дека "постојат силни индикации" дека војската во текот на минатата седмица употребила прекумерна сила.

Главниот секретар на ОН, Антонио Гуретеш повикал на независна истрага за загинатите, додека Израелската војска ги брани своите воени акции. Израел тврди дека некои од убиените Палестинци пукале на израелски позиции и дека повеќето од нив биле поврзани со вооруженото крило на Хамас.

Хамас преземал контрола над појасот Газа во 2007. година, и од тогаш водел три војни со Израел, кој ја парализирал економијата во Газа. Во таа енклава невработеноста е поголема од 40 проценти и таа се соочува со тешка хуманитарна ситуација.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно