Утрово во Германија уапсен Каталонскиот лидер Пучдемон!

Утрово во Германија уапсен Каталонскиот лидер Пучдемон!


Поранешниот каталонски лидер, Карлес Пучдемон е уапсен од германската полиција, постапувајќи по европскиот налог за негово апсење што го издаде шпанскиот Врховен суд, јавува „Би-би-си“.

Пучдемон, кого шпанските власти го обвинуваат за бунт, бил задржан додека патувал од Данска кон Белгија.

-Претседателот патуваше кон Белгија за да се стави, како и секогаш, на располагање на белгиската правда –изјавил неговиот портпарол, Жоан Марија Пике.

Германската полиција соопшти дека Пучдемон бил уапсен од сообраќајна патрола во северната сојузна држава Шлезвиг – Холштајн, која се граничи со Данска.

Соочен со заканата од негово апсење по меѓународните потерници издадени од Шпанија, Пучдемон во саботата ја напушти Финска, каде престојуваше извесно време.

Шпанските власти го обвинија Пучдемон за бунт, поради неуспешпниот обид за прогласување на независност на Каталонија во октомври, минатата година, кога беше орагнизиран референдум за отцепување.

Шпанскиот суд во петокот издаде потерници за шестмина каталонски сепаратистички лидери, меѓу кои и за Пучдемон.

Судот, исто така, бара да се издаде меѓународна потерница и по претседателката на Републиканската левица на Каталонија (ЕРЦ) Марта Ровира, која одби да се појави пред суд и која, според шпанските медиуми, се наоѓа во Швајцарија.

Шпанската полиција по налог на Врховниот суд во петокот приведе уште петмина каталонски сепаратистички лидери, меѓу кои и кандидатот за претседател на регионалната Влада на Каталонија, Жорди Турул.

Обвиненија за бунт, злоупотреби на функциите и непочитување на институциите на шпанската држава се покренати против вкупно 25 каталонски регионални лидери,

Според шпанските закони, обвинението за бунт предвидува казна до 30 години затвор.

Одлуката на шпанскиот Врховен суд предизвика тензии во Каталонија.  Во петокот беше одржан и голем протест во Барселона, на која демонстрантите бараа ослободување на каталонските политичари. Повеќе од 20 лица беа повредени за време на протестот.


Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно