Сведок на смртниот случај во авионот во Скопје: Интервенцијата на брзата помош не беше баш најстручна

Сведок на смртниот случај во авионот во Скопје: Интервенцијата на брзата помош не беше баш најстручна


Три медицински лица бевме во авионот и се обидувавме да го реанимираме сега веќе починатиот патник, уште во авионот.

 Но кога се вративме во Скопје, интервенцијата на екипата на Брза помош не беше баш најсоодветна, сведочи за МКД.мк едно од медицинските лица што цело време се обидувале да го реанимираат починатиот патник на летот Скопје-Базел. Вчера на летот од Скопје за Базел на компанијата „Виз ер“ почина Д.М. (37) од тетовското село Фалише.

Според сведочењето на еден од патниците, половина час по полетувањето на авионот, на еден од патниците од предните редови му се слошило, по што стјуардесите напомош повикале медицински лица. „Веднаш тројца се пријавивме и триесетина минути се обидувавме да го спасиме патникот. Мислам дека се работеше за срцев удар. 

Добивме боца со кислород, постојано вршевме масажа на неговиот граден кош, дававме и вештачко дишење, два-три пати и го вративме човекот, во еден момент дури и ја поткрена главата. Во почетокот изгледаше како епилептичен напад, но откако видовме дека нема пулс, брзо сфативме дека се работи за срцев напад“, вели сведок на овој вчерашен настан.

По половина час лет, авионот „свртел“ и се вратил во Скопје. За него останува нејасно зошто екипата на Брзата помош, откако веќе слетале во Скопје, реагирала во најмала рака нестручно. „Имаа дефибрилатор. Му ги поставија диодите на несреќникот, нѐ предупредија сите да се оддалечиме, но откако видоа дека нема витални знаци, не ги вклучија диодите за шок. 

Не дадоа електрошок. Не знам зошто. Немаше никаква опасност. Напротив, можеби нешто и можеше да се стори ако ги вклучеа диодите. Еден од докторите, патник во авионот, реагираше и на поткожното ставање на адреналинската инјекција, која по правило се става директно во срцето“, вели сведокот.

Откако сѐ завршило и телото на починатиот било однесено на обдукција, патниците останале на скопскиот аеродром уште 2-3 часа, по што авионот со нов екипаж пак полетал за Базел.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно