Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Барселона

Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Барселона


Судири избија меѓу демонстрантите и полицијата во центарот на Барселона, каде илјадници Каталонци протестираат против апсењето во Германија на поранешниот каталонски премиер Карлес Пучдемон.

Полицајци од единицата за борба против немири ги удираа демонстрантите со палки за да ја спречат толпата, која се обидува да се движи кон претставништвото на шпанската Влада во Каталонија. Каталонската полиција ја блокираше улицата и побара да се растури собирот. На повик на една радикална сепаратистичка група – Комитети за заштита на републиката, демонстрантите се собраа на Лас Рамблас, познатиот булевар во центарот на Барселона, извикувајќи „Слобода за политичките затвореници” и „Пучдемон е нашиот претседател”. Германската полиција денеска на границата меѓу Германија и Данска го уапси поранешниот претседател на каталонската регионална Влада Карлес Пучдемон. Тој бил задржан кога со автомобил ја минувал границата, потврди неговиот адвокат. 

Пучдемон се враќал од Финска, каде престојуваше минатата недела на покана на фински пратеник. Според тој пратеник, Пучдемон во петокот ја напуштил Финска во правец на Белгија на „неутврден начин“. Финската полиција вчера информираше дека примила налог од Шпанија за негово апсење, но одговори дека не знае каде тој се наоѓа. Пучдемон е уапсен врз основа на меѓународната потреница, што во петокот вечерта ја објави Врховниот суд на Шпанија поради бунт и организација на референдум за независност на Каталонија. Според шпанскиот закон, доколку биде осуден, може да добие затворска казна до 30 години. 

Во Каталонија вчера и завчера се одржаа серија протести од каде беше побарана „слобода за политичките затвореници“. Шпанското Министерство за внатрешни работи се огласи, тврдејќи дека не станува збор за прогон поради политички идеи, туку поради кршење на Законот. Откако на 27 октомври минатата година во каталонскиот Парламент беше изгласано воспоставување независна република Каталонија, шпанската Влада воведе директно управување со автономниот регион. 

По тој чекор на шпанските власти, Пучдемон замина во Белгија, каде живее и води меѓународна кампања. Од тогаш тој престојуваше во Данска, Швајцарија и Финска.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно