Српски наместо Јужен тек

Српски  наместо Јужен тек


Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска потврди дека наскоро ќе биде изграден „Српски тек“ наместо гасоводот „Јужен тек“, кој ќе се протега од Бугарија до Србија. „Српски тек“ ќе се појави во својство и на главен изведувач за работите.

Брнабиќ исто така изјави и дека постоечката компанија Јужен тек, формирана со намера за изградба на истоимениот гасовод, ќе се преименува во Српски тек.

- Во моментов работиме на проектирање на гасоводот Ниш – Димитровград и верувам дека наскоро ќе почнеме со изградбата, изјави српската премиерка.

Според неа, тоа е планот на Владата и еден од приоритетите во рамки на Берлинскиот процес-гасовод кон Бугарија, која ќе стане еден од главните „јазли“ за гас во овој дел од Европа, преку Турскиот тек, бидејќи Русија планира во 2019 година да го укине транспортот на гас преку Украина.

Станува збор и за LNG терминал на течен нафтен гас во Александрополис, кој ќе оди кон Грција. И тоа е, секако, еден од нашите алтернативни извори за гас и промислена енергетска политика.

Според весникот „Блиц“, повикувајќи се на неофицијални информации, „Србија гас“ поради ваквите планови ќе се задолжи со краткорочен заем од 15 милиони евра, а овие пари се наменети за дополнително зголемување на капиталот.

Српскиот тек ќе се појави како главен изведувач и на работите на втората траса на гасоводот Турски тек, од каде Србија треба да биде снабдена со гас од 2019 година.

Планот е од Србија гасот кој минува под Црно Море и Бугарија да се испорачува до други земји од Југоисточна Европа, бидејќи украинската траса повеќе нема да функционира.

Се проценува дека изградбата на гасоводот низ Србија ќе чини над 100 милиони евра.

Во Србија веќе е највено дека новиот гасовод кон Бугарија ќе биде со должина од 150 километри и дека годишно преку оваа траса ќе се траспортираат околу 1,8 милијарди кубни гас. Овој гасовод треба да биде двонасочен, што значи дека и Србија и Бугарија ќе можат една на друга да си испорачуваат гас.

Бугарија за изградба на гасоводот од ЕУ доби 45 милиони евра, а според „Блиц“ за овие намени ЕУ во српскиот буџет уплатила 49,7 милиони евра.

Српскиот претседател Александар Вучиќ пред четири дена изјави дека гасната интерконекција меѓу Бугарија и Србија треба да почне со изградба во јуни или јули годинава

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно