Сметката на Гинекологија блокирана поради 12 тужби за деца со оштетување на видот

Сметката на Гинекологија блокирана поради 12 тужби за деца со оштетување на видот


Сметката на Клиниката за гинекологија е блокирана откако стасала извршна пресуда од 40.974.561 денар по 12 тужби на родители на деца со оштетување на видот од 2008 година.

Станува збор за оштетувања на видот кај деца што биле родени со исклучително мала телесна тежина и голема незрелост. Од клиниката биле пуштени дома без проверка за тоа дали се соочуваат со ретинопатија. Ретинопатија на предвреме родени деца е болест на мрежницата која може да предизвика слепило. На Клиниката за гинекологија во тој период не се правела проверка на видот на предвреме родените деца. 

- Станува збор за судски процеси водени за ретинопатии кај новороденчињата од 2008 година, период во кој воопшто не постоела скрининг-програма во државата. Дојдена е извршна пресуда од 40.974.561 денар, сума на процеси од пред десет години која сега би требало одеднаш да се плати – велат од Клиниката. Оттаму потенцираат дека донаторската кампања, која е започната минатата година, а за која имаше реакции во јавноста, нема поврзаност со блокираната сметка. 

- Потенцираме дека собраните средства ќе бидат наменети за набавка на нова опрема, опрема која или застарела од изминатите 10 и повеќе години или не сме ја поседувале – објаснуваат од Клиниката. Оттаму потенцираат дека во моментот располагаат со доволно ресурси за нормално функционирање и во најкус можен рок ќе ја надминат новонастанатата состојба.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно