Штипјани ќе плаќаат за пет отсто поевтива вода

Штипјани ќе плаќаат за пет отсто поевтива вода


Што се однесува за цената на отпадните води си останува иста, односно домаќинствата ќе плаќаат по 12 денари, а фирмите по 23 денари.

Цената на водата за пиење во Штип ќе се намали за пет отсто, одлучија денеска едногласно советниците на четвртата седница на Советот на општината. Штипското комунално претпријатие „Исар“ е должно јануарските сметки, кои пристигнуваат на почеток на февруари да ги испорачува согласно донесената одлука од страна на Советот на општина Штип. Јасминка Петешева од ЈП „Исар“ пред советниците образложи дека штипскиот градоначалник Благој Бочварски и раководството на комуналното претпријатие ја прифатиле најниската тарифа, која ја има понудено Регулаторната комисија. 

Цената на водата ќе изнесува 33,73 денари за потрошен кубик вода за домаќинствата и 52,23 денари за фирмите. Што се однесува за цената на отпадните води си останува иста, односно домаќинствата ќе плаќаат по 12 денари, а фирмите по 23 денари. Петешева пред советниците образложи дека нема промена на цената на отпадните води, бидејќи во тек е првата завршна фаза од проектот за изградба на нови канализациски мрежи и изградба на пречистителни станица. 

Проектот е вреден 20 милиони евра, а ќе се реализира преку Министерството за животна средина преку ИПАР Програмата. - Од овие средства десет милиони евра се наменети за изградба на нови водоводни и канализациски мрежи, рехабилитација на старите, а десет милиони евра за изградба на пречистителни станици. Се очекува тендерската постапка да почне кон крајот на 2018 година, со што реализацијата на проектот е на почетокот на 2019 година, вели Петешева. 

На седницата советниците донесоа одлука и општинскиот мултимедијален центар да го носи името на првиот претседател на РМ Киро Глигоров, а исто така претседателот на Советот на општината, Јане Миланов објави дека нов секретар на општината е Соња Китанова, која досега беше раководител на Одделението за комунални дејности.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно