Штип ќе добие пункт за бездомници

Штип ќе добие  пункт за бездомници


Општината Штип и Црвениот крст од овој град планираат заеднички да отворат пункт за згрижување на лицата што немаат покрив над главата.

Оваа идеја која се разгледува веќе подолго време, првпат беше промовирана вчера, на потпишувањето Меморандум за соработка меѓу општина Штип и Црвениот Крст. 

- Како две институции што ќе соработуваат имаме намера да отвориме пункт за бездомници и за лица во социјален ризик, каде што ќе можат да добијат здравствена помош и друг вид социјална заштита - кажа Никола Камчев, секретар на Црвен Крст - Штип. 

Во периодот што следува Општината и Црвениот Крст ќе треба да ги разгледаат сите детали околу отворањето на ваков пункт, од локација до финансиска конструкција. Засега, точно не е утврден ниту бројот на лица што во Штип имаат статус на бездомни. Паралелно со ова, активно се разботи и на формирањето на т.н. Солидарен фонд, каде што, според предвиденото, треба да бидат вклучени и лица од Црвениот крст.

- Моментално сме во фаза на формирање на овој солидарен фонд, каде што ќе партиципираат членови од повеќе институции и здруженија на граѓани - истакна Благој Бочварски, градоначалник на о. Штип. Намерата за заедничка идна поконкретна соработка, општината и Црвениот Крст ја потврдија со донација на 25 прехранбени и хигиенски пакети на лица во социјален ризик.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно