Сензационално-Жена претседател на Победа од Прилеп

Сензационално-Жена претседател на Победа од Прилеп


Првпат во историјата на македонскиот фудбал, една жена ќе биде претседател на прволигашки клуб, откако денеска косопственичката на „Комфи Ангел“, Ирена Јакимоска е назначена за в.д. претседател на прилепска Победа.

Во најфудбалскиот град во Македонија, Победа која е симбол на Прилеп доби жена претседател откако клупските спонзори по одржаниот состанок во просториите на клубот донеле одлука на местото на досегашниот претседател Гоце Ингилизов, да биде привремено решение Јакимоска.

Победа вечерва најави дека утре во 18 часот на прес-конференција ќе објави повеќе информации од состанокот, новиот претседател и новите клупски активности по промените што се случуваат во клубот.

Инаку Победа во моментов ги одработува зимските подготовки пред стартот на пролетната полусезона во Првата лига, во која главна цел е обезбедување на опстанок. Прилепчани со задоцнување ги започнаа подготовките, откако фудбалерите кои останаа во Победа ги бараа заостанатите плати, а клупското раководство тогаш најави брза исплата на долговите.

Инаку победа ја напуштија десетина фудбалери зимава, но клубот најави засилувања, а неколку фудбалери има и на проба, кои треба да ги задоволат вкусовите на стручниот штаб и да го засилат прилепскиот тим.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно