Промоција на Маалски полицаец во Куманово

Промоција на Маалски полицаец во Куманово


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Куманово ја промовираше позорната служба или т.н. маалски полицаец, служба што е од исклучителна важност во полициското работење, рече министерот за внатрешни.

Позорната служба има исклучително значење  во делот на превентивното работење, зближување со граѓаните, познавањето на средината во која работи позорникарот  и градење на врската полицаец-граѓанин.

-За да имаме безбедни градови, безбедни населени места, безбедни улици, мора да имаме полицајци кои ќе бидат во постојан контакт со граѓаните, кои што ќе ги знаат граѓаните и на кои ќе им се обраќаат граѓаните за сите нивни потреби. Граѓаните ќе има на кого да му се обраќаат за сите негативни појави кои се случуваат во нивното опкружување. Денеска ја промовираме позорната служба во Куманово, а почнуваме и на подрачјето на СВР Штип и СВР Битола, за понатаму да продолжиме во сите  градови- рече министерот Спасовски.

Можноста за правовремено информирање, познавањето на средината и околностите, можноста за постојана комуникација со граѓаните, се атрибути што од позорникарството прават неопходен инструмент што многу ги олеснува натамошните фази од полициските постапки, независно за која од областите на криминалитет станува збор. Во Куманово има 70 позорникари кои покриваат 17 реони.

Денеска  во Куманово беше промовирана и новата зграда, односно новите простории  во кои што ќе работат неколку организациони единици од СВР Куманово: секторот  за управни служби, секторот за странци, секторот за оружје и секторот за прекршоци.

-Овие сектори работеа во многу лоши услови. Сега во поранешниот Дом на АРМ, кој што беше реконструиран и со средства на МВР за овие шест месеци целосно опремен, ќе има нормални услови за работа. На површина од 800 метри квадратни граѓаните ќе можат да ги завршуваат своите обврски, меѓутоа и да се зголеми  мотивираноста кај вработените во овие сектори- рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски најави дека и во наредниот период, односно во текот на целата 2018 година ќе продолжат активностите за подобрување на професионалните и инфраструктурни стандарди на работење на сите вработените во министерството. 

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно