Пораз од Данска, Македонија заврши на 11. место

Пораз од Данска, Македонија заврши на 11. место


По одличното прво полувреме, следуваше голем пад во вториот дел на македонската репрезентација за убедлив пораз од Данска со 20:31, ова беше последен натпревар за Македонија на Европското првенство во Хрватска кое го завршуваме на 11. место.

На третиот натпревар во Вараждин, трет пораз, овој пат бевме убедливо надиграни од Данска. Имавме одлично прво полувреме кое заврши нерешено 12:12, а во вториот дел покажавме сосема спротивно лице и му дозволивме на противникот да победи со 11 разлика. 

Во првиот дел момците на Раул Гоналез покажаа голема борбеност и добра игра, видовме потенцијал за во иднина која може да изгледа добро и по Кире Лазаров, но во второто полувреме таа добра игра тотално се распадна, имавме очаен напад и лоша одбрана која резултираше со дебакл. 

Најефикасен во нашата репрезентација беше Филип Кузмановски кој уште еднаш покажа дека требаше да добие минути на клучниот меч против Чешка. По четири гола реализираа Стоилов и Манасков. Никола Митревски запиша 10 интервенции, а постигна и еден гол. Во составот на Данска најефикасен беше Дамгард Нилсен со 11 постигнати голови. 

Со овој пораз Македонија го заврши Европското првенство на 11. место, пред селекцијата на Србија. Собравме повеќе бодови и од Белорусија, но правилата на ЕХФ велат дека шестите репрезентации од групите конкурираат за 11. и 12. место.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно