Османи против претседателот: Иванов најфлагрантно го крши Уставот, должен е да го потпише указот за Законот за јазиците

Османи против претседателот: Иванов најфлагрантно го крши Уставот, должен е да го потпише указот за Законот за јазиците


Државата мирно гледа како првиот човек одговорен за заштита на Уставот најфлагрантно го крши Уставот и со тоа не ја почитува волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија.

Треба да реагираме сите бидејќи тоа создава ситуација на преседан кога преку кршење на Устав ќе создадеме правни дејствија во секојдневниот живот и во политиката и на тоа треба да реагираат независно дали се работи за Законот за јазици или за некој друг закон.

Ова денеска го изјави Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции. „Иванов имаше последна шанса во последните месеци од неговиот мандат да остави мала трага за кохезивноста на општеството и за унитарноста на државата, нешто што не го направил во текот на десетте години од неговиот мандат. Има уште можност тоа да го направи и да напише нешто во таа негова бела книга на негово претседателствување. 

Има и други начини како може да стапи во сила и тоа правните експерти ќе го кажат, има бројни искуства во минатото како стапувале во сила закони и без потпис на претседателот. Се разбира тоа ќе биде прашање на договарање и на консултација со правните експерти“, рече Османи. Вицепремиерот смета дека при носењето на Законот за употреба на јазиците во ниту еден дел не е прекршена процедурата. Согласно Уставот, амандмани не може да се поднесуваат на еднаш изгласан закон, тој може да се измени само со предлог-закон за измени. 

Согласно Уставот, претседателот на РМ Ѓорге Иванов е должен да го потпише, смета вицепремиерот. „Македонија заврши едно важно поглавје од својата историја и денеска повеќе од кога било е унифицирана, унисона и заедничка во своите предизвици за чекорење кон ЕУ и НАТО“, рече Османи. Во врска со тврдењата дека законот во трето читање е донесен надвор од предвидениот рок од 30 дена откако македонскиот претседател не го потпиша указот, Османи смета дека не држат бидејќи тоа бил рок во кој законот требало да биде ставен на дневен ред, а не изгласан. 

„Усвоени закони можат да се променат само со предлог-закони. Ако некој сака да го промени овој закон, тогаш треба да поднесе предлог за измени“, рече Османи. За него нема дилеми дека претседателот на Република Македонија Иванов по донесувањето на законот во трето читање согласно член 75 од Уставот е должен да го потпише.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно