Орбан трча трет круг за премиер на Унгарија

Орбан трча трет круг за премиер на Унгарија


Унгарскиот премиер Виктор Орбан се очекува на парламентарните избори кои ќе се одржат денеска да го добие третиот последователен мандат, или вкупно четири мандати на премиерската функција.

Анкетите покажуваат дека конзервативната популистичка партија Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на Орбан и на Христијанско демократската народна партија ќе освојат меѓу 49 и 51 отсто од гласовите.

Ултранационалистичкото Движење за подобра Унгарија (Јобик) има меѓу 13 и 19 проценти поддршка, додека опозициската коалиција на Унгарската социјалистичка партија (МСЗП) на Гергеј Карочоњ и на еколошката Дијалог за Унгарија (ПМ) ужива меѓу 12 и 18 отсто доверба на гласачите. Доколку се остварат ваквите прогнози, коалицијата на Орбан ќе освои двотретинско мнозинство во парламентот, како и на изборите во 2010 година.

Еден од столбовите на кампањата на премиерот Орбан е борбата против мигрантите. Клучната порака која ја испрати тој и неговата партија е дека само трет последователен мандат за неговата партија Фидес во владата може да и ја гарантира безбедноста на земјата со оглед на опасноста од мигрантите. Мигрантската тема е на врвот на агендата на Орбан уште од 2015 година, кога низ Унгарија минаа околу 400 илјади мигранти обидувајќи се да стигнат до западноевропските држави. Антимигрантската реторика на Орбан вклучува и предупредувања до Унгарија и Европа дека ќе ги загубат христијански идентитет и култура ако муслиманските мигранти и натаму доаѓаат во голем број. Според Орбан, владата има листа на 2.000 луѓе кои „се платени да работат на соборување на владата и да ја трансформираат Унгарија во земја на имигранти“.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно