Не оди, па не оди

Не оди, па не оди


Нова елиминација во првото коло. За жал, тоа е суровата реалност со која се соочува Новак Ѓоковиќ.

За помалку од две недели, некогаш неприкосновениот број еден на светскиот тенис беше елиминиран од анонимусот од Јапонија Таро Даниел и од Франција Беноа Пер, па мастерсите во Индијан Велс и Мајами ги заврши веќе на почетниот чекор.

„Се обидувам, но не оди. Очигледно е, не се чувствувам добро кога играм на ваков начин. Секако, би сакал да сум во можност да играм како што сакам, но тоа не е возможно во овој момент. Давам се од себе. Не сум на нивото на кое сум навикнат. Далеку сум од тоа. Морам да верувам во себе и да се вратам каде бев, порача Ѓоковиќ.

За самиот меч со Пер…

„Останав без енергија. Не можев да минам доволно часови на теренот во последно време. Мислев дека сум подготвен за Индијан Велс и Мајами. Очигледно – не сум“.

Како утеха дека еден ден ќе биде оној стариот Новак, можат да послужат примерите на тенисерите од минатото, бидејќи секој голем шампион имал и кам-бек. На пример, неодамнешниот победник на Индијан Велс Хуан Мартин дел Потро две години отсуствуваше поради проблеми со дланката, Роџер Федерер ја пропушти речиси цела 2016. година поради повреда, а повреди ги мачат и Рафаел Надал и Енди Мареј.

„Околностите со кои се соочив во последните две сезони беа многу предизвикувачки. Не сум единствениот кој минува низ тежок период. Тенисерите биле и во потешки ситуации од мене. Не сакам само да седам и да се жалам на последните две сезони. Вистина, не е лесно. Секако дека повредата ја загрози мојата игра, моите движења и се останато. Се обидувам да ја средам ситуацијата“.

Единствено што времето не му е сојузник. Оттаму и дилемата дали да оди на нова пауза или да продолжи да игра.

Мастерсот во Монте Карло е во план, но ќе видиме после ова што се случи“, изјави Ѓоковиќ, оставајќи ја отворена можноста да го прескокне следниот турнир од „серијата 1000“.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно