На Водно ќе може и со возило, ама за час ќе платите стотче!

На Водно ќе може и со возило, ама за час ќе платите стотче!


Воведуваме високи цени за паркирање со цел да го дестимулираме движењето на возила, а ги оставаме бесплатните автобуски линии“, изјави градоначалникот за медиумите.

По пет месеци откако се воведе забраната за одење до Средно Водно со автомобил, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов најави дека од следниот викенд до таму ќе може да се оди повторно со автомобил, а паркингот ќе се плаќа 100 денари за првиот час паркирање, а секој нареден ќе биде 50 денари.

Оваа одлука е предвидена со ценовникот во новата зона „А0“ која беше формирана вчера со одлука на Советот на Град Скопје.

„Мислам дека не е добро да се оди во возила на Водно. Но одлуката која ја донесовме во ноември беше од времен карактер со цел да се среди хаосот со паркирани возила. Исто така имаше и реакции од граѓаните дека сакаат со коли да одат на Водно, како и од четирите угостителски објекти таму кои велат дека немаат работа поради забраната и мораат да ги затворат објектите доколку не се промени одлуката. Реагираа и жителите на Нерези, кои се жалеа дека паркингот кај црквата свети Пантелејмон и улицата се преплавени со коли. Воведуваме високи цени за паркирање со цел да го дестимулираме движењето на возила, а ги оставаме бесплатните автобуски линии“, изјави градоначалникот за медиумите. Капацитетот на слободни паркинг места на Средно Водно е нешто повеќе од 200 места, а ќе се наплаќа од 9 до 16 часот за време на празници и државни празници. Градоначалникот информираше дека на терен веќе привршува дигитализирање на паркингот, а се поставуваат и инфо табли на патот до Средно Водно на кои оние што одлучиле да одат со автомобил ќе можат да видат има ли и колку празни места има на паркингот. 

„Во случајов нема идеално решение. Нашата идеја е да го дестимулираме одењето на Водно со автомобил, па тој што сака да оди со кола ќе треба да плати поскап паркинг. Истовремено и понатаму ќе важи одлуката за бесплатни автобуси до Средно Водно“, истакна Шилегов и рече дека тој лично не претпочита горе да се оди со автомобил, но дека не може стрикно да воведе забрана.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно