Лале фестивал во Истанбул

Лале фестивал во Истанбул


Тепихот има површина од 734 метри квадратни и е сочинет од 565 илјади разнобојни лалиња, целосно од домашно производство, и го красат мотиви од турското традиционално килимарство. 

Во рамките на тринаесеттиот по ред Фестивал на лалето кој секоја година во месецот април се одржува во Истанбул, на плоштадот Султанахмет, во историскиот дел на метрополата во кој се наоѓаат познатите историски знаменитости како Аја Софија и Сината џамија, Општината на градот го изложи најголемиот тепих од свежи лалиња во светот.

Тепихот има површина од 734 метри квадратни и е сочинет од 565 илјади разнобојни лалиња, целосно од домашно производство, и го красат мотиви од турското традиционално килимарство.  Бројката 565 ја симболизира годишнината од освојувањето на Истанбул од страна на Османлиите.

Актуелната влада на Турција последните години посветува особено внимание на ревитализација на лалето како значаен елемент во турско-исламската материјална и духовна култура и традиција, особено поради фактот што Турција е татковина на лалето според кое е именуван и цел еден период од османлиската историја од првата половина на 18 век, познат како Ера на лалето. Во склад со тој тренд годинава во Истанбул се засадени 30 милиони лалиња од 125 вида.

Градоначалникот на Истанбул, Мевлут Ујсал, истакна дека Истанбул е татковина на лалето и дека тој во 18 век со своите 1.588 видови лалиња бил споменуван како „рај на лалето“. „Фестивалот кој го започнавме во 2005 г. со мотото ‘Лалето се враќа дома’ денес веќе го следи целиот свет“, рече тој. Гувернерот на градот, Васип Шахин, по овој повод истакна дека Турците може само да се задоволни што лалето е распространето низ целиот свет, но исто така тие имаат право повторно да го заживеат лалето во неговата татковина и да покажат дека тоа од неа се распространило во светот.

Тепихот од лалиња привлекува голем број домашни и странски туристи во Истанбул и ќе биде изложен до 30 април до кога ќе трае и самиот Фестивал на лалето.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно