Колинда домаќинка ќе му биде на Вучиќ

Колинда домаќинка ќе му биде на Вучиќ


Во понеделник во Загреб ќе се сретнат претседателите на Србија и Хрватска.

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китановиќ и нејзиниот српски колега Александар Вучиќ два дена ќе се дружат во обид да ги намалат тензиите што постојат помеѓу двете соседни земји.

Очекувањата на двете страни се големи и посетата, планирана уште од летото, се најавува како старт на нормализација на односите помеѓу двете земји и затворање на “старата книга” на проблеми.

Додатна тензија во ионака напнатите односи неодамна донесе и изложбата за поранешниот логор Јасеновац што се одржа во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Изложбата беше под покровителство на Белград но Загреб ја обвини Србија дека со оваа изложба се шират “лажни податоци” за Јасеновац.

Состанокот на претседателите е на иницијатива на Грабар-Китановиќ која би сакала да се почне со решавање на отворените прашања помеѓу двете земји, изјавиле соработниците на претседателката за хрватската агенција Хина:

“Овие средби често се нарекуваат историски, но ние сметаме дека се работи за позитивен исчекор. Дали ќе биде историски или не ќе се види по посетата”.

Вучиќ изјави дека разговорите нема да бидат лесни:

“Но, одам со многу верба и желба да направиме нешто за нашите деца и иднината. Полошо од сегашната состојба не може да биде, може да биде само подобро”, изјави тој. Тој вели дека не очекува “пријатен разговор” бидејќи има многу отворени прашања и не знае каков ќе биде резултатот.

Според агендата на посетата, државниците ќе разговараат за 1.945 исчезнати лица во текот на војните, враќањето на културното богатство, соработката во гонењето на осомничените воени злосторници, положбата на малцинствата и прашањата за нерешната граница.

Се најавува и зајакнување на економските врски помеѓу двете земји а во делегациите ќе бидат присутни и повеќе министри и координатори за нерешените прашања.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ пред неколку дена изјави дека за време на средбата треба да се разговара и за воената отштета. На ова, од кабинетот на Грабар-Китановиќ изјавија дека оваа тема не е на дневниот ред.

Од кабинетот исто така велат дека на разговорите ќе учествуваат и претставници на малцинствата како и здруженијата за исчезнати лица. Грабар-Китановиќ и Вучиќ планираат средба и со млади од српската заедница во Хрватска. Вучиќ планира посета во Вргинмост каде што живеат Србите што таму живеат.

Вучиќ во Загреб ќе се сретне со со премиерот Пленковиќ и претседателот на Парламентот Гордан Јандроковиќ.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно