Кој кого надмудрувал во кампањата на Трамп

Кој кого надмудрувал во кампањата на Трамп


Одборот за разузнавачки прашања на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес објави доверлив репуликански меморандум.

Во него се тврди дека функционери на водечките агенции за спроведување на законите во САД ги злоупотребиле овластувањата за време на истрагата за претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016.Спорниот документ, во кој ФБИ се обвинува дека користел непотврдени информации за да прислушува еден од соработниците на Трамп, е објавен по одлуката на Трамп од него да се тргне ознаката за доверливост.

Меморандумот го состави претседавачот на конгресниот одбор, републиканскиот конгресмен Девин Нунес.

Во документот се наведува дека функционер на ФБИ им признал на конгресмените дека непотврденото досие, кое за Трамповата кампања го составил поранешниот британски разузнавач Кристофер Стил, бил „клучниот дел“ од барањето за налог за прислушување на Трамповиот соработник Картер Пејџ, бизнисмен со интереси во Русија.

Имало сомнеж дека Пејџ бил во контакт со руски разузнавачки агенти, а се истакнува и дека во ниедно барање за прислушување на Пејџ не се открива дека Демократската партија делумно платила за досието.

Стил, како што се цитира во документот, му кажал на претставник на Секретаријатот за правосудство дека „очајно сакал Доналд Трамп да не биде избран“.

Трамп во обраќање до новинарите кажа дека е „ужасно“ тоа што го прочитал во меморандумот.

„Мислам дека е срамно тоа што се случува во оваа земја. Голем број луѓе треба да бидат засрамени и многу полошо од тоа“, кажа Трамп.

Американскиот претседател го одобри објавувањето на документот и покрај силните забелешки на високи претставници на Секретаријатот за правосудство и Федералното истражно биро.

Објавувањето на документот го заостри конфликтот меѓу Трамп и неговите републикански сојузници во Конгресот од една, и демократите и високите функционери на ФБИ од друга страна околу тоа дали врз истрагата за руското мешање во американските претседателски избори влијаела и политичката пристрасност на одделни истражители.

Демократите во Одборот за разузнавачки прашања соопштија дека објавувањето на меморандумот е „срамен обид“ за дискредитација на ФБИ и истрагата за мешањето на Русија во изборите во 2016 година.

„Со селективно објавување и политизација на доверливите информации се поставува ужасен преседан со што ќе им се нанесе долгорочна штета на разузнавачката заедница и на нашите агенции за спроведување на законите“, се порачува во соопштениет.

Демократите најавија дека на 5 февруари ќе објават свој меморандум со кој се побиваат републиканските тврдења.

ФБИ во претходните неколку дена изрази сериозна загриженост поради „значајното изоставување факти кои суштински влијаат врз точноста на меморандумот“.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно