Клиничка болница или гробница на застарена и расипана опрема

Клиничка болница или гробница на застарена и расипана опрема


Компјутерскиот томограф во штипската Клиничка болница е расипан, па пациентите од источниот регион мора овие прегледи да ги вршат на томографите во болницата во Струмица или во Клиничкиот центар во Скопје.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека надвор од функција е и апаратот за факометодата за лекување на очни болести на Одделението за таа намена.

- Морам да нагласам дека проблемите се влечат неколку години наназад. Главниот проблем е и што има дотраени апарати и проблемот е што тие не се редовно сервисирани. Така што, имаме зачестена појава на дефекти на апаратите. Тоа е една работа што треба да го кажаме и втората работа е што во изминатиот период беше период на транзиција и имавме изборен период во кој што болницата немаше Управен одбор и беше многу тешко било кој апарат кој ќе се расипе да може да се поправи, бидејќи знаете дека секоја поправка која мора да се направи да оди на тендер и на јавна набавка. Меѓутоа, состојбата мора да се поправи - вели Ѓеорѓијев.

Според него, добро е што е укинат Советот за јавни набавки, бидејќи здравствените институции меѓу кои и штипската Клиничка болница морале со месеци да чекаат апаратите да се поправат. Смета дека во текот на наредниот период овој хаос со дефектите на апаратите ќе се среди. Во изминатите неколку месеци болницата од свои буџетски средства сервисирала неколку апарати, меѓу кои и магнетната резонанца.

- Апаратот за магнетна резонанца кој го сервисиравме, дензитометарот, апаратот за анестезија и другите апарати, сето тоа нè чинеше повеќе од 80.000 евра - вели Ѓеорѓијев.

Додека се чека на поправката на неколкуте апарати во штипската Клиничка болница, според директорот Ѓеорѓијев, итните случаи не се оставаат самите да се снајдат, туку ги транспортираат до оние болници, каде ќе ја добијат соодветната здравствена услуга. 

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно