Филмско бегство од затвор на Србин во Австрија

Филмско бегство од затвор на Србин во Австрија


Светските медиуми ја пренесуваат приказната за бегството на државјанин на Србија, кој од австриски затвор бил пренесен во болница во Шердинг од каде што скокнал низ прозорец.

Четириесет и тригодишниот маж бил осуден за измама и требало да одлежи затворска казна до декември, следната година. Сепак, како што пишуваат австриските медиуми, очигледно не му се допаднало во затвор па решил да побегне. Тој испровоцирал тепачка со затворениците со кои ја делел ќелијата, при што се здобил со повреди, а по бегството учесниците во тепачката рекле дека тој самиот се повредил. 

Имено, по инцидентот во ќелијата, затвореникот бил префрлен во болница во Шердинг, каде му пристигнало семејството во посета. Се претпоставува дека тогаш неговиот син му подал мобилен тепефон, преку којшто ги договориле деталите за бегството. 

Веќе следниот ден затвореникот во болницата започнал да повраќа, поради што чуварот го отворил прозорецот, за да влезе свеж воздух во собата. Токму тоа и бил планот на затвореникот, кој скокнал на грејното тело на ѕидот и преку прозорецот излегол на улицата каде со автомобил го пречекал неговиот син. 

Само 20 километри од местото на бегството, полицијата го сопрела возилото, но во него го затекнала само помагачот, додека таткото успеал да избега во непознат правец. Против синот е поднесена пријава за пружање помош при бегство, за што му се заканува казна до две години затвор.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно