Фетел со победа ја започна новата Ф1 сезона

Фетел со победа ја започна новата Ф1 сезона


Себастијан Фетел е победник на првата трка од новата сезона во Формула 1, во Австралија и покрај тоа што Луис Хамилтон беше човекот, кој тргна од пол-позицијата.

Победи Фетел, но и тактиката на Ферари, на асфалтот во Мелбурн. Луис Хамилтон тргна сигуно од првата стартна позиција и почна да си гради предност, а зад него беше Кими Раиконен, вториот возач на Ферари. И двајцата заминаа во бокс, но на патеката во водство остана Фетел.

Во Ферари како да знаеја дека ќе се случи инцидент, кој ќе го искористат да направат безболен „пит-стоп“ на Германецот. Така и беше. Макс Ферстапен и Роман Грожан влегоа во инцидент, а на асфалтот презеде виртуелното безбедносно возило. Тоа беше сигнал за Ферари да го повика Фетел во боксот и додека болидите имаат ограничена брзина да му ги променат гумите, за тој да се врати на патеката прв.

Ова беше јубилеен, стоти подиум за Фетел во неговата кариера, а актуелниот шампион Хамилтон мораше да се задоволи со второ место. Подиумот го дополни Раиконен, кој остана недопирлив за Рикардо (Ред бул), Алонсо (Мекларен), Ферстапен (Ред бул), Хулкенберг (Рено), Ботас (Мерцедес), Вандорн (Мекларен) и Саинц (Рено) до десеттото место.

Следната трка е во Бахреин, на 8 април.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно