Децата од прилепско Стровија на училиште само со хеликоптер

Децата од прилепско Стровија на училиште само со хеликоптер


Учениците веќе неколку дена не можат да посетуваат настава поради тоа што најблиското училиште се наоѓа во село Ропотово.

Жителите на прилепското село Стровија се целосно отсечени од цивилизацијата и оставени се на милост и немилост на планината Даутица, откако вторпат за три дена се урива мостот на единствениот регионален пат кој го поврзува ова село со Општината Долнени со градот Прилеп. Како што објаснуваат мештаните, мостот за првпат се урнал минатата недела кога општинската механизација успеала да изнајде привремено решение но, како што велат, сега мостот повторно е паднат и преку него не може да се помине ниту пеш, ниту со возило. 

Уште еден голем проблем, како што посочуваат, претставува тоа што децата од селото Стровија веќе неколку дена не можат да посетуваат настава, бидејќи најблиското училиште се наоѓа во селото Ропотово, па учениците немаат како да преминат на другата страна од урнатиот мост и да појдат на училиште. Надлежните тврдат дека наскоро ќе се пронајде решение и штетата ќе биде санирана. Од Општина Долнени молчат и не сакаат да дадат никаква изјава. 

Претседателот на месната заедница на село Стровија, Боце Нешкоски, објаснува дека пред неколку дена било изнајдено времено решение за санација на мостот, но како што вели, потребно е трајно решение. - Мостот за првпат се урна минатата недела, а Општината Долнени испрати механизација и проблемот го реши со поставување пластични цевки и тампон. Но не поминаа ни три дена кога мостот повторно падна и сега целото село е отсечено. Станува збор за единствениот пат што го поврзува селото со цивилизација. Мештаните се заглавени и не можат ниту пеш да преминат од другата страна, а не можат ниту да ги набават основните работи за преживување поради тоа што во нашето село нема продавница – вели Нешкоски. Тој објаснува дека уште поголем проблем претставува тоа што децата од селото не можат да посетуваат настава, бидејќи училишното комбе што ги превезува до училиште не може никако да пристапи до селото. 

- Децата од нашето село веќе неколку дена не можат да посетуваат настава поради тоа што најблиското училиште се наоѓа во село Ропотово, а училишното комбе не може да пристапи до Стровија. Исто така, голем проблем претставува тоа што до нашето село не може да пристапат ниту возилата за Итна медицинска помош и Противпожарната бригада – вели Нешкоски. Образованието е децентрализирано, па затоа Општина Долнени треба да пронајде начин како да го реши проблемот со регионалниот пат и на тој начин да им овозможи на учениците да посетуваат редовна настава, велат од Министерството за образование. 

Од Општината веројатно сè уште немаат решение штом одбегнуваат да го искоментираат случајот во јавноста. И покрај тоа што патот е регионален, сепак станува збор за специфичен случај, бидејќи децата живеат во истата општина каде што посетуваат настава, без разлика дали нивното училиште се наоѓа во друго село. Во секој случај, не е добро тоа што децата се спречени да посетуваат настава, па кој и да е надлежен, мора веднаш да ги отстрани пречките. Загубените часови ќе им бидат надоместени на учениците, бидејќи не се тие виновни поради тоа што не можат да одат на училиште – објаснува Владимир Делов, портпарол на Министерството за образование. 


Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно