Д-р Менгеле е во германската автомобилска индустрија

Д-р Менгеле е во германската автомобилска индустрија


Германските автомобилски гиганти Фолксваген, БМВ и Дајмлер (компанијата што го поседува Мерцедес) се извинија и ветија дека брзо ќе ги истражат тестирањата врз луѓе и мајмуни во кои тие биле изложени на издувни гасови од автомобилски дизел мотори.

Меѓутоа, прашањето е дали нивните извинувања и реакции се доволни да ја сопрат најновата епизода од аферата која со години ја тресе славната германска автомобилска индустрија, позната како „Дизелгејт“.

Најновиот скандал го предизвика студија која официјално имала цел да ги истражи здравствените ефекти на издувните гасови, конкретно на азот диоксидот, на работното место, а која во 2013 ја спровел универзитетот во Ахен во Германија по нарачка на малку познат институт финансиран од Фолксваген, Дајмлер и БМВ – Европска истражувачка група за околина и здравје во транспортниот сектор (ЕУГТ).

Експерименти врз луѓе во рамките на лобирање за загадувачите

ЕУГТ, кој беше затворен минатата година, по сѐ изгледа била типична корпоративна лобистичка организација основана со цел да се бори против здравствените и еколошките регулативи и оспорување на научните истражувања врз кои таквите регулативи се засновани, по примерот на сличните кампањи на тутунската и нафтената индустрија. Паралелата со тутунските производи самата се наметнува, бидејќи ЕУГТ го нарачал истражувањето за одбрана на дизелските мотори откако Светската здравствена организација констатираше дека издувните гасови од моторните горива се канцерогени.

Сепак, универзитетот тврди дека при тестирањето се следеле стандардните процедури како одобрување на независна етичка комисија и писмена согласност на сите 25 здрави и доброволни учесници – 19 мажи и 6 жени. Тие учесници вдишувале различни количества дизелски издувни гаосви кои го содржат токсичниот азотен диоксид. Потоа тие биле прегледани во универзитетската болница. Професорот д-р Томас Краус од универзитетот изјави за германската агенција ДПА дека „никој од нив немал какви било здравствени последици“.

Нова епизода на Дизелгејт и нов удар за дизелашите

Германските медиуми известија за овој експеримент непосредно откако Њујорк тајмс ја објави веста за подеднакво контроверзниот експеримент врз мајмуни, кој го нарачала истата организација, а кој бил спроведен во 2014 во приватна клиника во Ново Мексико. Мајмуните биле ставани во херметички затворена просторија каде истражувачите им пуштале цртани филмови за да ги смират додека ги изложувале на издувни гасови од постар модел на фолксваген буба. Друга група мајмуни била изложувана на издув на постар модел на Форд. Експериментот врз мајмуните најверојатно бил спроведен во САД бидејќи таквите експерименти во Германија се строго забранети.

Студијата врз луѓето завршила пред откритието за софтверот кој Фолксваген го вградувал во своите дизел автомобили со помош на кој мамел на еколошките тестови – софтверот го ограничувал количеството на еколошки штетни издувни гасови при тестирањата, за потоа да се „отвори“ нивото на штетни материи кои автомобилот ги испушта при нормално користење и до 40 пати повеќе од дозволеното. Фолксваген поради оваа афера и повлекувањето на автомобилите и тужбите што следеа до денес изгуби вкупни 30 милијарди евра.

„Ова е уште еден удар за дизелот и покажува дека автомобилските компании ја надминаа секоја мера, морално и етички, за да го прикажат дизелот како општествено прифатлив“, коментира директорот на Центарот за автомобилски менаџмент во Бергиш Гладбах, Штефан Братцел за Блумберг. „Овие вести значат дополнителен притисок врз политичарите да дејствуваа против дизелот“.

Следи целосна забрана на дизелашите во 10 германски градови?

Фолксваген со мамењата на тестирањата, иронично, сакаше да покаже дека нивната нова генерација дизел мотори го решила проблемот со превисоките штетни емисии. Германскиот автомобилски гигант во саботата, по веста за експериментот врз мајмумите, експлицитно се дистанцираше од сите видови малтретирање животни. „Знаеме дека научните методи што ги користел ЕУГТ биле погрешни и искрено се извинуваме поради ова“, иако е тешко да се поверува дека Фолксваген не бил упатен во истражувањето на институтот кој самиот го финансирал.

Проблемите за германските автомобилски компании не сопираат на оваа афера, напротив – ново истражување што го спроведе германскиот автомобилски експерт Фердинанд Дуденхофер заклучи дека нивоата на загадување од дизелашите се и понатаму превисоки во десет германски градови како Минхен, Штутгарт, Хамбург и Келн, што властите најверојатно ќе го искористат како причина за целосна забрана на таквите автомобили во тие градови, освен ако дизел моторите не бидат унапредени навистина да го намалат нивото на загадување.

Според заклучокот на студијата, софтверските надградби овој пат нема да бидат доволни. А бидејќи дизелашите остануваат главен извор на профит за германските автомобилски компании, и покрај падот на побарувачката низ Европа, по сѐ изгледа им претстои тежок период.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно