Брнабиќ: Јасна е пораката, можеме во ЕУ без признавање на Косово

Брнабиќ: Јасна е пораката, можеме во ЕУ без признавање на Косово


Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани недвосмислено кажал дека Србија нема да мора да ја признае независноста на Косово за да влезе во ЕУ.

„Тоа што го слушнавме во смисла на правно обврзувачки договор не е ништо ново, тоа сме го слушнале и претходно, за тоа зборуваше и претседателот (Александар) Вучиќ...“, кажа Брнабиќ одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот на Словенија Миро Церар.

„Мислам дека е недвосмислемо тоа што го кажа претседателот на ЕП Тајани, а тоа е дека Србија нема да мора да ја признае независноста на Косово за да влезе во ЕУ. Тоа ми се чини дека е јасна и недвосмислена порака“, кажа Брнабиќ.

„Нормализацијата со Приштина и наоѓање долгорочно одржлив однос со Приштина е наша обврска како политичари што ја водиме Србија“, истакна таа.Таа подвлече дека ѝ е драго што ја предводи српската влада и што живее во земја чиј претседател е доволно храбар и одговорен политичар за да сака да го иницира ова прашање и да се обиде да го реши, за да не им го остава на идните генерации.

Таа истакна дека е најлесно да се каже дека тоа е замрзнат конфликт и да се препушти „жешкиот компир“ да го решава некој друг.Брнабиќ додаде дека ситуацијата е секако „дополнително искомплицирана со убиството на Оливер Ивановиќ“ и дека ја смета за лоша одлуката Србија да не учествува во истрагата на тоа убиство, но истакна и дека со тоа одговорноста е на Приштина, како и на ЕУ и Еулекс да се најдат убијците.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно