Борисов издејствувал 120 милиони евра за автопатот Скопје – Софија

Борисов издејствувал 120 милиони евра за автопатот Скопје – Софија


Бугарскиот премиер Бојко Борисов во Давос изјави дека издејствувал 120 милиони евра од Европа за Македонија, за изградба на автопат од Скопје до Софија, објавија бугарските медиуми.

– Зборував со Меркел и со Јункер и тие ми ветија пари за Македонија и за нас, за да се изгради автопат од Скопје до Софија, што отсекогаш беше приоритет. Зоран Заев ме замоли да се заложам за тоа, што го потврдува фактот дека сум приемчив за сите соседи како лидери на Балканот. Успеав да ги убедам Меркел и Јункер дека тој автопат е од животно значење за Западен Балкан и за сигурноста во регионот и дека со тоа уште еднаш ќе им докажеме на сите дека Европа е едно семејство во кое сите се еднакви. 

Приоритетите на бугарското европско претседавање вистински се оценува од сите во Европа и тие ни помагаат да се развие Балканот, вели Борисов. Тој меѓу другото порача и дека Европската Унија треба да ја исправи неправдата кон Западен Балкан, односно дека меѓународната заедница треба да го поддржи развојот на земјите од тој регион. 

Потсетувајќи на војните, катастрофите и превирањата низ кои помина Европа, Борисов посочи дека последиците од судирите во дваесеттите години на Западниот Балкан и натаму се присутни. -Постои неправда која Европа треба да ја исправи – Западен Балкан. Тие земји даваат сè од себе за да ги исполнат барањата кои им се поставени пред нив, а ние, како нивни соседи, партнери, земји на ЕУ, исто така би требало да направиме што е потребно за да се напредува во нивната интеграција, изјави Борисов. 

Бугарскиот премиер повтори дека сега, кога балканските земји се подготвуваат за членство во НАТО и ЕУ, најдобро време е да се поддржи развојот на нивните сообраќајни, комуникациски, енергетски и еколошки инфраструктури, што ќе биде од најголема корист на цела Европа.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно