Барса лута на УЕФА

Барса лута на УЕФА


Фудбалерите на Барселона вечерва гостуваат кај Севиља во дербито на 30. коло во шпанската Ла Лига.

Во случај на нова победа, Барса ќе дојде на чекор од титулата, додека во Севиља посакуваат да бидат првиот тим во Шпанија кој ќе успее сезонава да го порази каталонскиот клуб.

Барселона има дури 11 бода повеќе во однос на второпласираниот Атлетико Мадрид, а во случај на денешна победа Каталонците ќе направат уште еден чекор кон освојување на шампионската титула во Шпанија. Дербито против Севиља се игра вечерва од 20:45 часот, а интересно е што играчите на Барса не одработија тренинг пред овој меч.

Имено, Ернесто Валверде вчера закажа тренинг во 18:00 часот пред натпреварот со Севиља, но на крајот беше приморан истиот да го одложи. Тренингот на Барселона го посети допинг контролата на УЕФА која бараше да тестира дури 11 играчи на каталонскиот клуб.

Челните луѓе на Барса ги изненади оваа посета со оглед на тоа дека од УЕФА не најавиле доаѓање на антидопинг екипата. Откако го објавиле списокот на играчи од кои сакаат примероци за тестирање, Валверде едноставно бил приморан да го откаже тренингот. Од Барселона порачале дека знаат дека тестирањата се задолжителни, но се шокирани што никој не најавил дека ќе бидат токму пред самиот меч со Севиља.

Играчите кои морале да заминат на допинг тест се: Марк Андре Тер Штеген, Иван Ракитиќ, Усман Дембеле, Самуел Умтити, Сержи Роберто, Жерар Пике, Андрес Иниеста, Луис Суарез, Жорди Алба, Серхио Бускетс и Лионел Меси, односно целиот стартен тим на Каталонците кој веројатно ќе настапеше на мечот со Севиља.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно