Атина се повлекла од едно име слеано и непреведено

Атина се повлекла од едно име слеано и непреведено


Според Скај ТВ и Антена, Атина се повлече од барањето едно име слеано и непреведено, но за возврат бара името да биде ерга омнес, што подразбира уставни измени, особено членот 49 од Уставот.

По првата рунда преговори во Виена, ниту посредникот Метју Нимиц ниту шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас не кажаа кои се резултатите од средбата, грчките медиуми објавуваат детали од разговорите. Според Скај ТВ и Антена, Атина се повлече од барањето едно име слеано и непреведено, но за возврат бара името да биде ерга омнес, што подразбира уставни измени, особено членот 49 од Уставот. Слично пишува и дневниот весник Катимерини.

„Повикувајќи се на дипломатски извори, главните пречки се иредентистичките одредби од Уставот на БЈРМ и името кое ќе се употребува надвор од државата. Истите извори тврдат дека Атина ќе смета на договор ако Скопје го смени членот 49 од Уставот каде што се наведува дека БЈРМ се грижи за правата Македонците во дијаспората, за да нема иредентизам“, пишува Катимерини

Иако ова информација останува непотврдена, но и не демантирана, јасно е што всушност би можела да бара грчката страна. Членот 49 кој предвидува дека „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји“ во 1992 втора е дополнет со амандманот 2 според кој: Републиката во овој случај нема да се меша во суверените права на другите држави и во нивните внатрешни работи“.

По вчерашната средба грчките медиуми исто така известија дека Скопје е подготвено за уставни измени. Но тоа предизвика брза реакција на министерот Димитров и на грчкото МНР.

„Процесот на решение за името е во деликатна фаза и шпекулациите на некои медиуми се штетни. Стојам зад мојата јавна изјава и ја информирам јавноста дека не сум имал дополнителен неформален брифинг“, изјави Никола Димитров, Министер за надворешни работи

„Ниту еден дипломатски или друг извор не кажа дека Скопје е подготвено да направи одредени уставни измени. Конкретното што е кажано, е намерна провокација од секој медиум кој ја пренел конкретната информација“, соопшти Министерството за надворешни работи на Грција

Од дипломатската тројка, Нимиц, Димитров, Коѕијас вчерашната средба беше оценета позитивна и прогресивна, но се уште остануваат тешките прашања кои треба да се надминат. Најавена е нова средба по Велигденските празници, на која според Коѕијас, се очекува да се направи „големиот чекор“. Не се исклучува можноста освен министрите за надворешни работи, да се сретнат и премиерите на двете земји.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно