Америте имаат ново несмртоносно оружје (Видео)

Америте имаат ново несмртоносно оружје (Видео)


Пентагон работи на нов вид оружје со несмртоносно дејство кое, според пишувањето на списанието „Попјулар механикс“, е крајно чудно.

Имено, воените научници планираат да употребат ласери, кои на големи растојанија би можеле да произведат ефект сличен на човечки глас.

Овие „гласови“ би се користеле за „психолошки операции и различни објави, или едноставно за полудување на непријателот“, пишува Кајл Микозами.

Деталите за „ласерски индуцираниот плазма-ефект“ (Laser-Induced Plasma Effect), како што е наречено новото оружје, се објавени на страницата на „Дифенс уан“.

Оружјето функционира така што ласерот наречен фемтоласер создава топка од плазма, која потоа се гаѓа од друг, наноласер. 

Благодарение на одредена бранова должина, наноласерот предизвикува плазмата да почне да произведува звук и светлина.

На објавената видеоснимка може да се чуе како ласерот произведува звук што личи на експлозија од заслепувачка граната.

Исто така, плазмата може да се манипулира така што да произведува топлина, што може да се види на снимката на која е запалена воена униформа, пишува „Арс техника“. Во теорија, палењето би можело да се изведе од оддалеченост од неколку километри, со тоа што лицата меѓу оружјето и метата би останале неповредени.

Научниците наведуваат дека новото оружје би можело да се користи и за предупредување на луѓето што се приближуваат до воени контролни пунктови или може да имитира звук на истрел од огнено оружје.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно