Американската амбасада ,,осиромаше", нема покривање на патни трошоци за конференции и едукации

Американската амбасада ,,осиромаше




По јавните критики за доделување средства на државни и јавни функционери за хонорари или патни трошоци во Македонија, Американската амбасада во Скопје сврте нов лист и стана „сиромашна“, па нема да им покрива патни трошоци, ниту да организира превоз за луѓето кои ги кани на работилници што ги организира.

Така, викендов во Охрид, Американската амбасада организира „симулирано“ раскажување на фазите од судската постапка за новинари, но сите биле известени дека на учесниците на работилниците ќе им бидат покриени трошоците за сместување и престој во хотелот, но не и превозот, па ќе мора да се организираат и да си платат сами за одење и враќање до Охрид. 

„Сиромаштијата“ која ја зафатила Амбасадата во Скопје, изненади многумина од учесниците, бидејќи речиси сите се од Скопје и треба да стигнат во Охрид навреме со редовен превоз, а досега, за сите конференции кои се прават надвор од главниот град, вообичаено е организиаторот да обезбеди превоз или до одредена сума да ги покрие трошоците, доколку учесниците патуваат со сопствен превоз. Поради новата пракса, дел од поканетите учесници се нашле во недоумица дали да ја прифатат поканата или да им се заблагодарат на организаторите, бидејќи ниту е настан од кој би можело да се известува за да постои јавен интерес, ниту пак темата е од посебен интерес и кај самите учесници, зашто ќе се зборува за примена на „новиот“ Закон за кривична постапка (ЗКП) по кој судовите работат од 1 јануари 2013 година, а новинарите толку време известуваат за постапките водени по новите решенија.

Обуките за новинари ќе ги држат судии од Основните судови во земјава, како и новинарка од САД која доаѓа за конференцијата. Во „новиот“ ЗКП, кој се применува 5 години во Македонија по интервенција на САД беа вметнати нови решенија кои го напуштија принципот на континенталното право кон кое беше и Македонија и се воведоа копирани решенија од американскиот правен систем кои ги создадоа најголемите проблеми во судството, бидејќи се покажа дека се многу подложни на злоупотреба и не се докрај применливи. Според американски модел, истрагата од рацете на истражните судии премина кај јавните обвинители, но поради необезбедување на истражители и друга логистика заглави на самиот старт а судиите во претходна постапка останаа само како контролори на притворот и законитоста на доказите. 

Од американското законодавство се прифати спогодбата, која стана предмет на уцени и закани, наместо алатка за кратење на судската постапка и го суспендираше комплетно законот за извршување на санкции, бидејќи правните експерти смислија дека ако осуденото лице биде осудено со спогодба, а е во притвор треба веднаш да се пренесе во затвор, без да може да се примени законот за санкции, суспендирајќи го правото да бара одлагање на казната според услови предвидени во законот и суспендирајќи ја улогата на судијата за санкции кој постапува според местото на живеење на осудениот, а не според седиштето на судот кој ја склучил спогодбата. 

Во оваа група влегува примената на одредбите за заштитениот сведок, една од алатките за голема злоупотреба во поголемите судски предмети и серија други правни недоречени алатки, кои со препишување, но не разработување докрај не само што не ги забрзаа судските постапки, туку доведоа до бројни злоупотреби на процесните права и ја намалија и пред тоа слабата доверба во судството. Според американски рецепт беше инсталиран и АКМИС системот, за електронска распределба на предметите, без наводно човечко влијание, но и покрај фрлени илјадници долари за овој проект, контролите покажаа дека системот бил „швајцарско сирење“ и се правеле серија злоупотреби.

Неодамна, американскиот амбасадор Џес Бејли ги пофали „храбрите“ новинари кои во делот на судството ја открија и аферата со конфликтот на интереси на претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев и изборот на неговата внука за јавен обвинител од едно во друго обвинителство, но поради изнудените оставки од членовите на Антикорупциската комисија, оваа афера не доби разрешница ниту пред Комисијата, ниту пак Штерјев од морални причини и законски пречки, иако беше јавно прозван и повикан поднесе оставка.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно