41 потпис за интерпелација на Влада

41 потпис за интерпелација на Влада


Со потпис од 41 пратеник опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поднела барањето за да се гласа доверба на Владата. Се потпишал и поранешниот премиер, а сега пратеник Никола Груевски.

Образложено на 9 страници во 16 точки  партијата на Христијан Мицкоски бара одговорност од СДСМ и ДУИ, со оценка дека се работи за најкриминална и најнеспособна влада до сега. Првите критики се упатени за партизираност на институциите и отпуштања од работа.  Критика има за законот за јазици, владиниот план 3 - 6 - 9, но и задолжувањата кои ги оценуваат како преголеми и погубни.  

„Немаме никаков раст на БДП и сме единствена земја во Европа која за 2017 година не забележа економски раст. Државата после долг период не бележи раст и тоа е само поради неспособноста на актуелната влда. Имаме пад во градежништвото од 48%, нема нови инвестиции и нови работни места, нема покачување на плати и пензии“, се вели во образложението.

Наместо реформи во правосудството, опозицијата препознала политички реваншизам со уцени и притисоци, мислејќи на уапсените пратеници. Обвинуваат дека МВР прикрива убиства, а како дамка на ова министерство ги припишуваат случајот со нападнатата полицајка од страна на Бекир Асани и набавката на 45 возила.

Најголем број критики се испратени до министерката за труд и социјала Мила Царовска. Се критикува образование, транспорт и врски, здравство, земјоделие, националната програма на министерството за култура, но и договорот со Бугарија и процесот на решавање на спорот со името.

„Владата на РМ нема никаква стратегија ниту градење на државен консензус во однос на спорот со Грција и прашањето со името. Без никакви консултации со опозицијата и на нетранспарентен начин се одвиваат преговорите со името“, пишува опозициската партија.

Од власта велат дека со барањето опозицијата се обидува да добие ситни политички поени.

„После она што ВМРО-ДПМНЕ го остави во економијата, високиот процент на сиромаштија, уназадување, задолженост, задушена слобода на говор, заробена држава, нефункционалност на системот, корупција и криминал, со еден збор пустошот што го остави ВМРО-ДПМНЕ по 11 годишното криминално владеење, оваа партија прво треба да им се извини на граѓаните и да спроведе реформи во своите редови“, вели Александар Кирацовски, СДСМ.

За да се изгласа недоверба на владата, потребен е 61 глас. За прв пат опозицијата и со документ формално го признава првиот човек на Собранието, Талат Џафери. Иако во барањето го нема неговото име, сепак е адресирано до функцијата претседател на Собранието на РМ.  

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно