400 чекори подалеку од училиштата за обложувалниците

400 чекори подалеку од училиштата за обложувалниците


Казината и обложувалниците ќе мора да бидат оддалечени најмалку 300 метри од основни и средни училишта. Ова се предвидува со измените на Законот за игри на среќа и забавни игри, кои ги предложи Министерството за финансии.

„Во моментов посебните игри на среќа се приредуваат во простории кои се наоѓаат во близина на основни и средни училишта. Приредувањето на игрите на среќа во деловни простории кои се лиценцирани во близина на училишта влијае на поттикнување на младата популација во насочување на лоши и несоодветни навики за нивната возраст“, стои во образложението на Предлогот законот за измени на Законот за игри на среќа и забавни игри.

Од Министерството за финансии велат дека во постојниот закон не постои никакво ограничување каде може да се отвораат обложувалници и казина, ниту колку. Нив буквално ги има на секој чекор, во деловни објекти, во згради, во куќи, до училишта и градинки. Приредувачите на игри на среќа во автомат клуб, со добивањето на една лиценца за автомат клуб имаат можност да отворат неограничен број на деловни простории.„Со предлог законот кај приредувачите на игрите на среќа во автомат клуб се враќа лиценцирањето на секоја деловна просторија, а кај приредувачите на игрите на среќа во обложувалница се предлага со една издадена лиценца од страна на Владата на Република Македонија да можат да се отворат 50 уплатни места и банкарска гаранција односно депозит од 500.000 евра“, стои во образложението од Министерството за финансии.

Со измените исто така се предвидува автоматите кои се поставуваат во казината и обложувалниците да не бидат постари од една година. Состојбата на терен покажала дека во автомат клубовите се поставуваат автомати кои се постари од 15 години и со тоа на приредувачите на игри на среќа никој не им гарантира за исправноста и функционалноста на увезените автомати.

„Учесниците во игрите на среќа играат на застарени и амортизирани автомати, наместо на автомати не постари од една година. Со цел да се регулира увозот на автомати кои не треба да бидат постари од една година, во предлог законот ќе се уреди издавањето на лиценца на правни лица кои ќе вршат увоз и дистрибуција на автомати“, предлага со измените Министерството за финансии.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно