30 општини од Македонија и Бугарија формираа асоцијација на градови

30 општини од Македонија и Бугарија формираа асоцијација на градови


Триесеттина градоначалници од општините од пограничните региони од Македонија и Бугарија на денешната средба во Куманово се договорија да формираат Асоцијација на градови, преку која ќе аплицираат на заеднички проекти, користејќи средства од ЕУ.

На подготвителната средба беше договорено конститутивната седница на Асоцијацијата да се одржи во Ќустендил, Бугарија.

На денешната средба во Куманово, присуствуваше и заменик амабасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Бодинова, која рече дека она што е договорено меѓу двете влади треба да се применува на локално ниво меѓу општините, постетувајќи на потпишаниот договор за добрососедство и нагласи дека Бугарија со сите сили ќе и помага на Македонија, вклучително и дека бугарските општини ќе им помагаат на македонските.

Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, истакна дека двете министерства остваруваат одлична соработка. Тој рече дека Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија е најуспешна со имплементација од над 95 проценти.

На крајот на минатата година на иницијатива на дел од европратениците и градоначалникот на Ќустендил беше покрената иницијатива за формирање на ваква Асоцијација. Иницијатори на средбата се градоначалниците на Куманово и Ќустендил.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски смета дека Асоцијацијата ќе го подобри животот на граѓаните од регионите.

– Сметаме дека ние од општините од Македонија ќе го користиме искуството на колегите од Бугарија, ќе се зближиме, не само администрациите, туку и институциите кои заедно ќе аплицираат за европски пари. Следејќи го духот и взаемното разбирање на нашите влади, сметам дека повеќе од потребно да се формира ваква Асоцијација која ќе даде придонес да се подобри животот на граѓаните – рече Димитриевски.

Градоначалникот на општина Ќустендил, Петар Георги Паунов, рече дека заеднички преку Асоцијацијата ќе можат да аплицираат институции од образованието, културата, да се обратат, да ги презентираат своите идеи. Рече дека со Куманово веќе имаат подготвено проект.

На средбата беше донесен заклучок во кој е наведено дека ќе се информираат регионите од двете држави да назначат техничко лице кое ќе работи на правната регулатива, а администрациите на Куманово и Ќустендил ќе почнат со подготовка на конститутивното собрание на Асоцијацијата.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно