Зависност од интернет во Босна и Херцеговина

Зависност од интернет во Босна и Херцеговина


Првите пациенти од Босна и Херцеговина на кои им е утврдена зависност од Интернет и од видеоигри побараа стручна помош на Клиниката за психијатрија во Тузла.

Специјалистот невропсихијатар Мевлудин Хасановиќ вели дека имале неколку тешки случаи на лица што се хоспитализирани затоа што дошле до нивото на психотичност, објави Фена.
- Еден од нив бил една година во затворен простор и бил поврзан само на Интернет. Дошол до таа фаза што никому не му верувал и ги избришал сите пријатели од социјалните мрежи, но останал на Интернет да ги следи другите што прават како некој вид воајеризам - вели Хасановиќ. 

Како критериум за возрасните лица за претерано користење Интернет е пет до шест часа дневно, додека кај адолесцентите оваа граница е два до три часа. 
Истражувањата спроведени во Тузла покажуваат дека најчести зависници од видеоигри се децата, кои на Интернет поминуваат дневно три до четири часа, додека девојчињата го поминувале времето пред компјутер двапати помалку, и тоа главно биле вклучени на социјалните мрежи. 
„Вечерње новости“ пишува дека сѐ поголем број лица во Србија се зависни од дигиталната технологија, а многумина ја преминуваат границата и на глобалните мрежи поминуваат со часови, запоставувајќи го реалниот живот. Некои од нив, без разлика на возраста, бараат и совети и помош во Специјалната болница за болести од зависности во Белград. Нема официјални податоци за бројот на зависниците од социјалните мрежи и видеоигри, но тој сѐ повеќе расте, велат од оваа институција. 

- Некои од лицата не ја препознаваат својата страст кон виртуелниот свет како зависност. Тие се плашат да се јават кај нас, мислејќи дека ќе бидат стигматизирани како зависници - вели Мира Ковачевиќ, претседателка на Републичката стручна комисија за превенција и контрола на болести од зависност во Министерството за здравје и директорка на специјалната болница. 
За откривање на зависноста од Интернет постои вообичаен тест, во кој се содржани прашања за тоа колку често се пред компјутерот, дали сами го забележале овој проблем или тоа е по пријава од некој близок од семејството, дали ги запоставуваат другите домашни обврски (учење, работа, дружењето) итн.

Во Специјалната болница најмногу се јавуваат возрасни лица, но има и петнаесетгодишни деца. Помладите зависници се преселуваат на Инстаграм, а возрасните се врзани за Фејсбук. 
- Општеството е зафатено со епидемија од користење паметни телефони, таблети и од Интернет. Луѓето сѐ почесто се во онлајн-комуникација затоа што се чувствуваат комфорно. Никој не ги гледа и не излегуваат од дома. На социјалните мрежи можат да бидат тоа што сакаат да бидат во реалниот живот. Комуникацијата е полесна кога се допишуваат, отколку да следат разговор во живо, затоа што не мора да ги гледаат во очи и не ги фрустрира нивната реакција - вели Ковачевиќ. 

Денес луѓето се поосамени, а низ виртуелната комуникација стекнуваат илузија дека се дружат. Тие сѐ повеќе време поминуваат со мобилните телефони додека се на улица, во автобус, во кафулиња, училиште или дома. Како што вели Ковачевиќ, повеќето од луѓето не гледаат ништо убаво околу себе, туку само на себе. Затоа на социјалните мрежи се ставаат слики од нивниот изглед и не се подготвени да воспоставуваат реална комуникација со другите. Сетоа тоа раѓа осаменост, која се лекува на глобалната мрежа. Со текот на времето, авторитетот на родителите над децата слабее. Таквата состојба станува сѐ неподнослива и може да предизвика поголеми проблеми од зависноста кон социјалните мрежи, видеоигрите и Интернет.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно