Сите информирани, сите рамнодушни

Сите информирани, сите рамнодушни


Се одржа првата координација на државно-политичкиот врв за името во пресрет на посетата на Нимиц.

Содржината на иницијалната рамка на медијаторот Метју Нимиц, ставена на маса на преговорите во Њујорк на 17 јануари, како и детали од состанокот на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, но и досегашниот тек на целокупниот процес за придвижување на процесот за решавање на спорот со името беа тема на вчерашниот прв координативен состанок за прашањето за името на државно-политичкиот врв во земјава.

Како информативен и конструктивен го оценија состанокот сите учесници на средбата во Клубот на пратеници, која траеше речиси 6 часа и заврши на полноќ.

Никој од учесниците не сакаше да изнесе детали за предлогот на Нимиц, за тоа дали е прифатлив и дали постои усогласенот меѓу политичките субјекти. Најавија уште вакви средби за координирање на ставовите за решавање на спорот со името.

На него присуствуваа Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Присутни беа и претседателот Ѓорге Иванов, лидерот на ДУИ Али Ахмети кој беше во придружба на Хазби Лика и Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанокот беше во придружба на Александар Николовски и Владо Мисајловски.

Премерот Зоран Заев по средбата изјави дека е оптимист и дека може да се дојде до национален консензус.

– Вечерва беа презентирани  и диксутирани  предложените идеи од медијаторот Нимиц, по што разменивме информации и мислења и за разговорите меѓу мене и премиерот Ципрас. Овој процес бара инклузивност посветеност и политичка одговорност, со цел градење национален консензус. Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ, рече Заев.

Потенцираше дека за остварување на овие цели неопходна е вклученост на Владата, опозицијата, претседателот на државата, како и навремено и објективно информирање на граѓаните на Македонија.

Претседателот Иванов изрази очекување дека во иднина Владата ќе информира за целиот процес и оти ќе постои координација за сите активности.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека од овој момент натаму целокупниот процес за водење на преговорите е во рацете на Владата и оти тој очекува навремено да биде информиран за се што ќе се случува на тој план.

Според него ваков вид координација требало да се случи порано и додаде дека не сака да ги коментира предлозите на Нимиц, бидејќи процесот допрва треба да се развива.

За лидерот на ДУИ координацијата е почеток на крајот на еден важен процес.

Тој состанокот го оцени како мошне продуктивен, но не сакаше да изнесе повеќе детали од средбата со цел, како што рече, да не му наштети на процесот.

Координацијата на државно-политичкиот врв за прашањето за името се одржа во пресрет на посетата на медијаторот Нимиц.

Посредникот на ОН во преговорите за спорот за името на 29 и 30 јануари ќе престојува во посета на Атина, а следните два дена, на 31 јануари и 1 февруари ќе биде во Скопје.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно