Од дејството на Трамадол заборавиле од парите да платат данок

Од дејството на Трамадол заборавиле од парите да платат данок


Кумановската полиција поднесе кривична пријава против М.Б. (50) „Гео-фарм“ увоз-извоз Куманово поради сомнение за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „производство и пуштање во промет штетни супстанци и затајување на данок.

Кривична пријава е поднесена и против А.И. (44) од Куманово и приватна здравствена установа-аптека „Шенди фарм“ Куманово. Тие набавувале и продавале аналгетик „трамадол“ без да платат данок, со што го оштетиле буџетот за 165.082 денари.

Според МВР, во периодот од 28.03.2017 година до 27.04.2017 година М.Б. како сопственик и управител „Гео-фарм“ увоз-извоз Куманово во пет наврати од фармацевска, козметичка и диететска индустрија од земјава набавил 57.000 кутии опијатен аналгетик „трамадол“ со вкупен износ од 2.920.942 денари. Во текот на 2017 година на А.И и аптеката „Шенди фарм“ Куманово им продал 34.000 кутии во вредност од 1.955.000 денари. Остатокот од 23.000 кутии со вредност од 1.414.099 денари го пуштил во промет на непознати лица, за што во книговодствена евиденција прикажал лажни податоци со што избегнал плаќање данок од 67.332 денари и за тој износ го оштетил буџетот. На 9.02.2018 година, по извршена контрола од Агенцијата за лекови и медицински помагала, М.Б. изготвил пет фиктивни фактури во кои навел дека во периодот од 31.01.2018 година до 5.02.2018 година на аптеката „Шенди фарм“ Куманово и продал 34.000 кутии „трамадол“.

Од друга страна, пак, пријавениот А.И. во периодот од 28.03.2017 година до 15.05.2017 година, како сопственик и управител на аптеката „Шенди фарм“ Куманово, во 17 наврати од „Гео-фарм“ увоз-извоз Куманово набавил 34.000 кутии опијатен аналгетик „трамадол“ со вкупен износ од 2.052.920 денари. За набавката извршил плаќање на „Гео-фарм“ што е евидентирано преку изводи на трансакциона сметка, а набавената количина на лекот воопшто не ја прикажал во материјалното книговодство во тек на 2017 година. При контрола од Агенцијата за лекови и медицински помагала, покрај наведените неправилности било констатирано дека „Шенди фарм“ го издавал аналгетикот без рецепт од специјалист. На тој начин било избегнато плаќање данок од 97.750 денари и за тој износ бил оштетен буџетот. Пријавените на тој начин го оштетиле буџетот за вкупно 165.082 денари.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно