Кои се држави протераа руски дипломати

Кои се држави протераа руски дипломати


Глобална координирана акција за протерување руски дипломати , во која се вклучи и Македонија поради случајот Скрипал. Македонското МНР соопшти дека е протеран еден дипломат од амбасадата на Русија во Скопје.

– Од 14 земји членки на Европската унија ќе бидат протерани 30 руски дипломати во глобална координирана акција како одговор за Москва поради труењето на поранешен двоен шпион во Велика Британија. Тоа се цифри што ги објави агенцијата АФП. Во таа листа, најмногу ќе бидат протерани од Германија, Франција и Полска од каде се очекуваат заминувања на по четири дипломати. Претходно, претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, информираше дека досега 14 земји членки на ЕУ протерале руски дипломати од своите земји и додаде дека дополнителни европски мерки, како што се натамошни протерувања не се исклучени. 

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп нареди протерување 60 наводни руски шпиони од САД како одговор на труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија со нервен гас во британскиот град Солсбери на 4 март. Портпаролката во Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека потегот е дел од глобална координирана акција против Москва како „одговор кон Русија за употребата на хемиско оружје на територија на Велика Британија“. Според висок претставник од Белата куќа, „48 лица за кои се знае дека вршат разузнавачки работи“ од Рускиот конзулат во Сиетл и 12 од Руската мисија во ОН имаат седум дена да ги напуштат САД. Трамп нареди и затворање на рускиот Конзулат во Сиетл за кој официјални лица во САД сметаат дека има фокус на шпионски активности против базата за подморници Китсаб и Боинг. Одлуката за протерување руски дипломати од 18 држави поради случајот Скрипал е порака за руските „намери да се прекршува меѓународен закон“. Гледам голема солидарност од нашите пријатели и партнери во Европската унија и во НАТО, САД и други држави… 

Заедно испраќаме порака дека нема да ги толерираме руските обиди за кршење на меѓународниот закон и поткопувањето на нашите вредности, изјави британската премиерка Тереза Меј во Парламентот. Поради случајот Скрипл од Велика Британија до сега се протерани 23 руски дипломати, а британскиот министер за одбрана Гавин Вилијамсон најави дека ќе се одзема имот со непознато потекло на руски државјани. Претходно, и канадските власти соопштија дека ќе протераат четворица руски дипломати, додека украинските власти одлучија да протераат 13 дипломати од Русија. И Албанија денеска прогласи двајца руски дипломати како непожелни со образложение дека нивните активности во земјата не одговараат на пријавениот дипломатски статус. Потегот на албанското МНР е во момент на глобалната координирана акција на протерување на руски дипломати поради труењето на Скрипал и неговата ќерка Јулија. 

По еден руски дипломат ќе протераат и Романија, Хрватска и Финска. Руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека протерувањето на руски дипломати од западните држави е „непријателски чекор“ и најави дека ќе реагираат на него. Кремљ соопшти денеска дека Москва не е виновна за труењето на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал откако САД, Канада и држави од Европската унија протеруваат руски дипломати поради скандалот. – Жалиме поради тие одлуки. Причината за нивното протерување е поради случајот Скрипал. Веќе соопштивме и повторно укажуваме дека Русија не е одговорна и нема ништо со тој случај, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ. 

Листа на земји кои одлучија да се придружат на глобалната координирана акција на протерување на руски дипломати: 

САД – 60 

Украина – 13 

Канада – четворица 

Полска – четворица 

Франција – четворица 

Германија – четворица 

Литванија – тројца 

Чешка – тројца 

Холандија – двајца 

Данска – двајца 

Шпанија – двајца 

Италија – двајца 

Естонија – еден 

Романија – еден 

Хрватска – еден 

Финска – еден 

Летонија – еден 

Шведска – една 

Македонија – еден 

РРуското Министерство за надворешни работи изрази решителен протест поради овој потег на западните земји за протераните руски дипломати, објавија локалните медиуми.Русија се закани дека на оваа валкана игра ќе одговори соодветно.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно