ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ – НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ


Православните верници го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото Воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Илјадници верници синоќа ги посетија храмовите низ целата земја. Со зборовите „Христос Воскресна-Навистина Воскресна“,  православните верници си го честитаа големиот христијански празник Велигден, точно на полноќ. Празнувањето продолжува и денеска каде верниците ќе ги посетат храмовите и ќе запалат свеќа за здравје, среќа и љубов.Црковна делегација на МПЦ-ОА на скопскиот аеродром вчера го презеде Благодатниот оган што со авион во земјава пристигна од Ерусалим преку Софија. Благодатниот оган од Софија го донесе владиката Иларион од Брегалничката епархија. Оганот во фенер од скопскиот аеродром беше пренесен во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје, а потоа и во другите епархии и храмови низ државата. Ова е првпат МПЦ-ОА за Велигден официјално да го добие Благодатниот оган со помош на Бугарската православна црква. Овој празник е спој на верата и традицијата, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Текстот не смее да се печати или емитува без согласност и договор од редакцијата на ИнфоЦентар.Мк

Актуелно